ПОВИК
на Иницијативниот Одбор за формирање на нова партија
ГРАЃАНСКИ ФРОНТ

Почитувани граѓани на Македонија,
Ве повикуваме да ни се приклучите да направиме нова силна партија – Граѓански Фронт.
Нашата политичка идеологија – Граѓанинот е во центар! Се тргнува од граѓанинот и е за граѓанинот.

Нашата визија е Граѓански Фронт да стане значаен политички субјект кој креира и спроведува позитивни развојни политики кои од Македонија ќе направат достоинствено и посакувано место за живеење.

Нашата мисија е да:
• ги ставиме граѓаните и нивните интереси во центарот на општествените текови;
• го елиминираме етноцентризмот во политиката, создавајќи чувство на државност;
• се искоренат процесите кои ги држат граѓаните во заложништво;
• се воведе функционална демократија со транспарентно, етичко и одговорно практикување на владеење;
• создадеме правна држава;
• изградиме динамична пазарна економија и бројна средна класа;
• ја претвориме Македонија во зелен парк;
• воведеме систем на социјална сигурност и поддршка за вклучување на ранливите групи во општествените текови;
• ја претвориме Македонија во безбедно место;
• водиме надворешна политика која ги одразува нашите интереси и стратегиски определби;
• ја направиме Македонија достоинствено и посакувано место за живеење.

Во нашата предлог Програма нудиме издржани, реални решенија и реформи кои треба и може да се превземат во сите области на општествено политичкиот систем. Сето ова во функција и по мерка
на граѓанинот каде личната благосостојба е рефлексија на општата благосостојба. Основниот моментум со кој ќе направиме пресврт во сегашниот општ распад на нашето општествo е нашата супериорна економска програма со која ќе створиме динамична пазарна економија и бројна средна класа.

Зошто нова партија?
Затоа што граѓаните се “кираџии” во сопствената земја. Затоа што имаме нефункционална демократија, во нефункционално општество со немоќна економија, каде што 80% од граѓаните се во безизлез од “волшебниот круг” на сиромаштијата базирана на разграбување на богатство и екстракција на ресурси наместо на одржлив развој. Затоа што загаденоста стигна до степен на гасна комора. Затоа што имаме нееднакви можности и огромна емиграција, посебно на млади, способни и образовани луѓе. Затоа што сме сведоци на агресивни и конзистентни напади и притисоци од странски сили и гледаме реална можност да се распадне државата.

Затоа што имаме истрошени политички партии на сцената со безперспективна и импотентна понуда кои 30 години се менуваат едни со други, а без реални промени. Затоа што ние граѓаните сме заситени од безбројните неисполнети ветувања, но и криминални индиции и затоа што огромен број гласачи не излегоа на претходни избори поради немање на вистинска понуда.

Затоа што нема можност да се делува од внатре во постоечките партии со цел да се променат, а другите форми на политичко дејствување не дадоа резултати и колективната вложена енергија за промени беше залудно потрошена.

Декларација на иницијативниот одбор
Ние од иницијативниот одбор влегуваме во политика заради правење на позитивни промени во општеството, а не за сопствен бенефит. Истото го бараме од секој што ќе се зачлени.

Човечки вредности кои ни се битни
На патот кон создавањето на партијата и во тек на политичката активност на истата, сакаме да привлечеме граѓани кои ги делат истите вредности со нас. Луѓе кои:
– се чесни и докажани пред себе,
– се изградени личности кои се успешни во своето поле на делување,
– имаат интегритет и виокоморални ставови кон животот,
– се патриоти и имаат неограничена љубов кон татковината,
– се несебични да помогнат за сите да успеат,
– се вистински борци за човекови права и еднакви можности,
– имаат професионален и дисциплиниран пристап кон обврските,
– се подготвени за социјален дијалог и тимска работа/пристап,
– имаат лидерски способности,
– кои се вистински борци за екологија.

Зошто да се приклучите?
Знаеме дека вие очекувате тие што одат во политика и доаѓаат на власт да ги створат условите за вие да можете да го живеете својот сон. На жалост видовме дека тие не го направија тоа. Напротив. Затоа приклучете се. Со бројност и со здружен ангажаман можеме да направиме голем пресврт.

Ако сега не направиме нешто за нашата Македонија, ќе немаме право да се жалиме што ја изгубивме. Пред нашите деца, кои ќе бидат закрепостени овде или пак ќе бидат туѓинци во странство, ќе ги веднеме главите, а идните генерации ќе нѐ презираат.

Лошото победува само кога доброто е пасивно и ќути.
Приклучете се!

Иницијативен Одбор
за формирање на нова политичка партија
Граѓански Фронт
22 Март 2021 годин

Сименете го ПДФ Документот-Повик

Scroll to Top